За Локалитетот

Бразда лежи на 10 км северно од центарот на Скопје, во југо западното подножје на Скопска Црна Гора. На југо запад од селото се издига издвоен рид Градиште, висок 70м над околината. Северната и западната падина му се многу стрмни, а на југ и исток теренот терасесто паѓа надолу. Во северното подножје на ридот се составуваат рекичките Бразда и Глушка (Чучерска). Оваа вода порано каптирана, била спроведена на југ и ги снабдувала античкиот град Скупи и средновековното Скопје со вода за пиење.

На зарамнетиот врв на Градиште, на јужната и запападната падина, лежат остатоци од утврдената раноантичка населба (7-4 век п.н.е), распоредена на неколку подѕидани тераси, на површина од 4,5 Ха.

Јасни се повеќе елементи од нејзиното градење, намена и историјат. По намената, гробницата била несомнено владетелска. За тоа зборува пред се нејзината големина, потоа квалитетот на градење и обработка на блоковите, за што биле ангажирани врвни архитекти. Нагласуваме дека украсниот траветин, со кој биле градени, со јадро од кршен камен и набиена глина и обработени камени лица е хеленски. Украсната техника на барботина, со благо издадени мазни рамки, со рамни лица и рабови во иста рамнина, се обележја на атинското градежништво од 5-тиот и раниот 4-ти век п.н.е. Овие елементи јасно контрастираат на обележјата од следниот, хеленистички период кои почнуваат да се формираат околу средината на 4 век п.н.е. Наброените обележја, пресудни за датирање на гробницата, имаат целосна потпора и во најдената керамика, што ја датираме во истото време.

Гробницата во Бразда имала рамен дрвен таван. Гробниците градени целосно или делумно од дрво се постари и поедноставни во споредба со камените гробници, а се среќаваат низ 6-тиот до 4-тиот век п.н.е на широкиот Евро-азиски простор до каде допирале јужните влијанија. Гробниците од македонски тип, од доцниот 4-ти и 3-ти век п.н.е, засведени се со камени сводови, исто и тракиските гробници.

Гробницата во Бразда се разликува од гробниците од македонски тип по планот на основата: нема преткомора, а глааната комора е поставена попречно на дромосот. Во неа не е положен умрениот, а насипот одгоре не формирал могила (тумулус) туку се претопувал со околината. И нашите камени штитови не се познати на македонското подрачје. Аналогии имаме во далечното Северно Причерноморие во владетелските скитски гробници во Солоха и во Пазирик на Алтај. Формата на овој штит е вообичаена и во Египет.

Остануваат нејасни потеклото на горенаведените елементи и патиштата по кои стигнале до нас.

Нејасна останува и судбината на сопственикот на гробницата. Според ситуацијата откриена со ископувањата може да се заклучи следното: – По извршениот погребен церемонијал вратата на комората била затворена однадвор (со 2 големи плочи) и вратата и дромосот засипани со жолто-кафеава глина, во која повремено биле спалувани жртви и кршени садови. Со бела лапореста глина бил засипан западниот ѕид до нивото на покривот, а исто така и парапетниот ѕид на западната страна на ходникот. Преку се ова е насипана темна земја и кафеава глина со многу камен, пепел, кршена керамика и животински коски.

Се чини дека набргу по погребот крадците продреле одгоре низ насипот до вратата, ја разбиле и влегле во комората. Бидејќи не го нашле тука покојникот, целосно го прекопале поплочениот под. Копале до длабочина од 1,2 м под подот, а ископаните блокови ги кршеле и фрлале во ископот. Така во комората настанал насип вискок до 2м над подот. Од огнот што бил запален од двете страни на вратата, внатре на подот, се оштетиле внатрешните довратници. Тоа секако го забрзала и водата (дождовница) што продрела низ дупка во комората. Одгоре биле турнати во комората и неколку блокови, меѓу нив и 2 од споменатите камени штитови.

Во прилог на овој заклучок – дека покојникот не почивал во комората – зборува и фактот дека не е надјено ниту парче од евентуалниот саркофаг или неговата основа. Слично на бројни други гробници од постаро време, и комората во Бразда имала несомнено комеморативен карактер, додека умрениот бил вкопан некаде покрај неа.


Powered by http://wordpress.org/ and http://www.hqpremiumthemes.com/