Заокурживме уште една успешна година од постоењето на Архео Паркот Бразда, докажавме дека со многу труд и љубов може да се постигне скоро се, паркот привлекува се повеќе посетители, како домашни така и странски, а особено задоволство ни причинува тоа што и свеста кај локалното население значително се крена за зачувување на ова мало парче значајно културно наследство и преубава природа.
Со реализација на проектот се започна во месец јануари 2023 година кога во просториите на Археолошкиот музеј беше поставена изложбата на фотографии од локалитетот Градиште Бразда по повод 35 годишнината од откривањето на гробницата и 10 годишнината од отварањето на паркот.
На терен најпрво се отстрани дивата вегетација од локалитетот активност за која беше ангажирани членови и волонтери на здружението, се продолжи со тековно одржување на архео паркот со ангажман на лице, кое редовно врши косење и средување. Со две волонтерски акции организирани од страна на ЗГ Институт за археолошки истражувања – Скопје се расчистија плоштадот, дромосот и надворешниот дел од комората од вегетацијата која ги прекриваше. Се извршија и ситни поправки на урбната опрема.
Дел од патоказите беа избледени и за нив се нарачана нова фолија која се постави на оштетените патокази. Еден од оштетените патокази во два наврати поради невреме паѓаше за што на два пати е поправан.
На 4ти Октомври во Архео Парк Бразда свечено се одбележа 10 годишниот јубилеј од отварањето на паркот, а воедно беше откриена и спомен плоча во чест на проф. др. Иван Микулчиќ, пронаоѓачот на владетелската гробница. На настанот беа присутни претставници од Археолошки музеј, Министерството за култура, градоначалникот на општината Чучер Сандево, вработени од другите културни установи, соработници и пријатели. За потребите на овој настан се изработи бетонски постамент врз кој се постави спомен плочата изработена од плексиглас со гравиран натпис. Воедно за потребите на настанот се ангажираше и локална фирма која обезбеди храна за настанот.
Во паркот оваа година имаше 4 организирани посети на основни училишта од Скопје и околината.
Со вториот дел од финансиите се плати за ажурирање и одржување на веб сајтот на локалитетот www.arheoparkbrazda.mk и хостинг за сајтот за 2023 година, а се испечати и промотивен материјал (еколошки торби) со логото на архео паркот, министерството за култура и археолошкиот музеј, кој ги доделуваме на нашите верни соработници и пријатели. Воедно добивме донација од дрвени прагови од Македонски железници што се употребија за поправка на вториот пристапен мост во паркот, за оваа цел беше ангажирано лице што ги транспортираше праговите до локацијата и ја изврши поправката на мостот.
Проектот е во реализација на ЗГ Институт за археолошки истражувања – Скопје преку националната програма за култура на Министерството за Култура за 2023, а со поддршка на НУ Археолошки Музеј на Р. С. Македонија.
И покрај сите потешкотии ќе се потрудиме овој проект да продолжи и во наредната година и искрено се надеваме на поголема поддршка од надлежнте иституции но и од сите добронамерници кои не би сакале овој парк да не потоне повторно во заборав.
За да бидете во тек со случувањата во архео паркот следете не на нашите профили на Facebook и Instagram.