ПРОЕКТОТ - АРХЕО ПАРК БРАЗДА

Студентите по археологија, за прв пат се сретнуваат со археолошкиот локалитет Градиште с. Бразда, за време на нивните студии. Така беше и во нашиот случај. Прв пат кога се запознавме со ова место во исто време имавме момент на восхитеност, но и на жал. Пред нас стоеше една монументална владетелска гробница од V век п.н.е. со масивни камени блокови, но целото место беше обраснато со дива вегетација и покриено со смет. Тогаш се роди идејата ова место да прерасне во туристичка атракција.

Конечно во 2012 година здружението во партнерство со НУ Музеј на Македонија, а поддржано од АД ЕЛЕМ преку својата програма за општествена одговорност излезе на терен со цел да ја смени сликата за ова значајно културно наследство.

За таа цел тимот презеде активности за уредување на локалитетот и неговата околина.

Со реализацијата на проектот, врз археолошката и пошироката културна јавност како и локалното население се изврши влијание за важноста и значењето за заштита на културното наследство и негово искористување за цели за економски развој и промоција на локалната заедница. Археолошкиот парк Бразда стана нова туристичка атракција во непосредна близина на главниот град, а воедно и континуирано ќе придонесува за развој на туризмот во рурална средина.

Од 2016 година за Архео Паркот Бразда се грижи Институтот за Археолошки Истражувања – Скопје во соработка со Н.У. Археолошки музеј на Македонија, а со поддршка од Министерство за култура на Р. Македонија.

Од 2016 до денес, во паркот постојано се обновуваат постоечките содржини, се додаваат нови, се зголемува бројот на информативни и патоказни табли а се снимија и неколку промотивни видео материјали.

Во 2018 година со цел одбележување на Европската година на културното наследство во рамки на проектот “Промоција на владетелската гробница на археолошкиот локалитет Градиште-Бразда” се организираа неколку активности: Во ОУ “Александар Урдаревски” во с.Сандево на 21 Мај се одржа предавање за локалитетот, паркот и неговото значење, со цел да се едуцираат најмладите, да се зголеми интересот и да создадат навика да се грижат и да го заштитат културното наследство кое што го имаат во нивната непосредна близина.

На 28 Мај во просториите на општината Чучер Сандево се одржи уште едно предавање наменето за општинската администрација за потенцијалниот развој на културниот и руралниот туризам преку промовирање и заштита на културното наследтво во нивната општина, како и за историјатот на локалитетот и истражувањата.

Предавањата ги одржаа м-р Горан Санев – директор на Археолошкиот Музеј на Македонија, Радомир Ивановиќ од Институтот за Археолошки Истражувања и проф. д-р Дејан Методијески од Факултетот за туризам и бизнис логистика од УГД Штип. Проектот насловен “Промоција на владетелската гробница на археолошкиот локалитет Градиште-Бразда” е еден од 12-те проекти финансирани од Делегацијата на Европската Унија во рамки на повикот за предлози за одбележување на Европската година на културно наследство.

На 9 Јуни во Архео Парк Бразда се одржа јавен настан за одбележување на Европската година на културното наследство. На самиот настан беше прикажан документарен филм за самиот локалитет и неговото значење и беше претставена изложбата на фотографии “Владетелската гробница од пронаоѓањето до денес”.

Иститутот за Археолошки истражувања го организираше овој настан со една цел – да го промовираме овој уникатен археолошки локалитет и воедно да ја подигнеме свеста кај локалното население за значењето на културното наследство кое го имаат во нивната непосредна близина, како и да ги поттикнеме да учествуваат во заштитата и одржувањето на локалитетот и Архео Паркот во иднина. Последниве неколку години имаме и одлична соработка со општината Чучер Сандево.

Со нивна помош се поставија дрвени клупи и канти за отпадоци, а во 2019 година се направи и нова пристапна патека од калдрма, која истотака беше донирана од општината. Археолошкиот Музеј реализираше проект за отстранување на паднатите блокови во гробницата, кои низ децениите што заради атмосферски влијанија, што од човечки фактор беа паднати во гробната комора.

Овој проект е само почетна фаза од поголем идеен проект за целосна конзервација на оваа монументална гробница, кој се планира во блиска иднина. Во 2020 година старата пермакултурна жарадињера која беше дотрајана беше целосно обновена. Во 2021 година се постави и мала дрвена маса со столчиња како и детски лулашки на голема радост на најмладите кои го посетуваат паркот. Во 2022 се обнови веб сајтот на паркот.

Идејното решение за овој парк не е комплетирано, ИАИ – Скопје има план со дополнителни содржини да го збогати архео паркот. Со целосната имплементација на замисленото ќе се добие еден уникатен археолошки парк по сите светски стандарди.

 Tимот кој го реализира овој проект:

  • Радомир Ивановиќ – проект менаџер, ИАИ – Скопје

  • Елена Ивановиќ – менаџер на проект Европска година на Културното наследство во Архео Парк Бразда, ИАИ

  • Горан Санев – стручен соработник, НУ Археолошки Музеј на Македонија

  • Перо Синадовски – одржување и уредување на паркот
  • Александар Николовски, Огнен Ончевски, Кирил Шентевски, Данило Ончевски, здружение Зелената Арка,

  • Саше Василевски, Милан Ѓорѓески, Ненад Пивко, Благоја Китановски, Ана Стевановска, Сања Ѓорѓевиќ, Бојан Стојановски, Ива Џени Рош, Дарко Манасиев, Кристијан Димитровски, Вукашин Стевановиќ, Марко Стојановиќ – волонтери

  • Никос Калензис, Јане Качански, Перо Синадиновски, Бојан Трпчевски, Милица Коцева, Сашо Ѓорѓевиќ, Владимир Трајановски, Ратка Шоклевска, Дончо Наумовски, Спиро Лазаров, Марија Трпевска, Стеван Илијевиќ, Горан Ивановски, Иванчо Велков, Марјан Костовски, Ѓоргија Пејковски – соработници

  • Поддржано од: АД ЕЛЕМ, Министерство за култура на РМ, Делегација на Европска Унија, Општина Чучер – Сандево

  • Пријатели: САЗ Аксиос, Image Plus, Македонски шуми, ЗГ Менелај, АНД Мамархе, Пицерија Рибилимус и локалното население