[:mk]На 9 Јуни со почеток во 17:00 часот во Архео Парк Бразда се одржа јавен настан за одбележување на Европската година на културното наследство.
Иститутот за Археолошки истражувања го организираше овој настан со една цел – да го промовираме овој уникатен археолошки локалитет и воедно да ја подигнеме свеста кај локалното население за значењето на културното наследство кое го имаат во нивната непосредна близина, како и да ги поттикнеме да учествуваат во заштитата и одржувањето на локалитетот и Архео Паркот во иднина.
Проектот насловен “Промоција на владетелската гробница на археолошкиот локалитет Градиште-Бразда” е еден од 12-те проекти финансирани од Делегацијата на Европската Унија во рамки на повикот за предлози за одбележување на Европската година на културно наследство.
На самиот настан на 9 Јуни во Архео Паркот Бразда беше прикажан документарен филм за самиот локалитет и неговото значење и беше претставена изложбата на фотографии “Владетелската гробница од пронаоѓањето до денес”.
Во рамки на проектот се организираа и други активности наменти за различни таргет групи:
Во ОУ “Александар Урдаревски” во с.Сандево на 21 Мај се одржа предавање за локалитетот, паркот и неговото значење, со цел да се едуцираат најмладите, да се зголеми интересот и да создадат навика да се грижат и да го заштитат културното наследство кое што го имаат во нивната непосредна близина.
На 28 Мај во просториите на општината Чучер Сандево се одржа уште едно предавање наменето за општинската администрација за потенцијалниот развој на културниот и руралниот туризам преку промовирање и заштита на културното наследтво во нивната општина, како и за историјатот на локалитетот и истражувањата. Предавањата ги одржаа м-р Горан Санев – директор на Археолошкиот Музеј, Радомир Ивановиќ од Институтот за Археолошки Истражувања и проф. д-р Дејан Методијески од Факултетот за туризам и бизнис логистика од УГД Штип.
На отварањето на настанот се обратија м-р Горан Санев – директор на Археолошкиот Музеј, Радомир Ивановиќ – претседател на ИАИ и Елена Каранфиловска – проект менаџер.
Сите овие активности се поддржани од Делегацијата на Европската Унија и ЕУ Инфо Центарот, а во соработка со Археолошкиот музеј.
Воедно сакаме да се заблагодариме на локалното население, пицеријата Рибилимус, АД Кожувчанка, ОУ Александар Урдаревски и Општината Чучер – Сандево за учеството во овој проект.
Фото: Илија Ивановски, Јане Качански и Ѓорѓи Трпески
Галерија[:]